
Три парцели со намена домување во станбени згради, три за домување во станбени куќи и една за лесна и незагадувачка индустрија оттуѓува Општина Штип преку јавно наддавање. Градежните парцели со намена домување во станбени згради и куќи се во населбите Баби и Дузлак, а нивните почетни цени се 61 односно 1120 денари за метар квадратен.
„Имаме понудено преку овие две објави продажба на три градежни парцели со намена А2 или домување во станбени згради. Овие парцели се наоѓаат во населба Дузлак, истите се со површина околу 500 – 550 м2 за градба и површина на градежна парцела од 1000 – 1250 м2. Исто така, се нудат и градежни парцели со намена домување во индивидуални станбени куќи. Овие градежни парцели се нудат на две локации, две од парцелите се наоѓаат во Баби 6, а една од градежните парцели е во населба Баби 4“, истакна Лазар Хаџи-Николов, раководител на Одделението за урбанизам во Општина Штип.
Парцелата за лесна и незагадувачка индустрија, пак, се наоѓа во населба Плуждино и е со почетна цена од 61 денар за метар квадратен.
„Исто така со една од објавите се нуди за продажба и градежна парцела со намена Г2, односно лесна и незагадувачка индустрија. Оваа парцела се наоѓа во м.в. Плуждино и со оваа градежна парцела е предвидена површина од 65.567 метри квадратни. Почетните цени за јавното наддавање за сите парцели се 61 денар, освен за оние со намена колективно домување, за кои почетната цена е 1120 денари за метар квадратен“, додава Хаџи-Николов.
Двете објави може да се најдат на страницата на Општина Штип, каде се наведени и условите за аплицирање и учество во јавното наддавање. Пријавите за едната објава може да се доставуваат заклучно со 29 март, а за другата заклучно со 4 април. Јавното наддавање за првата ќе се одржи на 31 март, а за другата на 6 април.
Ребека Спасова М-Нет