
Мажи, жени и деца купуваат подароци за своите блиски, жените со собиранки го одбележуваат Денот на жената. Праксата за одбележување на Осми март се повторува и оваа година. На два дена пред празникот, цвеќарниците, маркетите, одгледувачите и продавачи на цвеќиња ги изнесоа најубавите растенија во централното градско подрачје. Дека празникот треба да се одбележи и оваа година на скромен начин согласни се и штипјани. Велат, суштината не е во подароците, но доволно е само еден цвет за да се разубави нечиј ден, а има и други начини како празникот да се одбележи.
Иако празникот е со цел да се стави фокус на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, сепак праксата покажува дека луѓето се одлучуваат за вреднување на жената преку цвеќе и останати подароци. Побарувачката не беше значително зголемена во текот на денешниот прв ден од оваа недела, бидејќи како што велат во цвеќарниците, народот најчесто купува во последен миг. Освен со купување подароци, Осми март се одбележува и преку маршеви, работилници, културно-уметнички настани и слични случување на кои главната цел е вреднување на жената. Инаку, празнувањето е уште од 1910 година, кога на Првата меѓународна конференција на жените е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. 8 Март по првпат е прогласен за државен празник во Русија во 1921 година, но празникот значително оживува во 1960-тите заедно со растежот на феминизмот. Официјално, 8 Март како меѓународен ден на жената е прогласен со одлука на Обединетите нации од 1975 година, но државен празник не е во ниту една западна земја.
Ребека Спасова М-Нет