Седлоски: Шкотска и Швајцарија се главните фаворити во групата, нашата цел е да бидеме конкурентни на секој меч

Македонија како дебитант во Б конкуренцијата на Лигата на нации е во група со Шкотска, Швајцарија и Словенија, а селекторот Гоце Седлоски ја имаше првата изјава веднаш откако нашата репрезентација ги доби противниците.

Седлоски вели дека Шкотска и Швајцарија се главните фаворити во групата, додава дека Македонија има генерација која веќе е зрела.

“Шкотска и Швајцарија се главните фаворити во групата. Станува збор за две селекции со континуитет на настапи на големи натпреварувања, учесници и на претстојното Светско првенство. Имаат квалитет и искуство на највисоко ниво. Тоа доволно зборува за предизвикот што нè очекува. Но, ние не влегуваме во овој циклус со улога на аутсајдер. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, без разлика дали играме дома или на гости. Ќе се трудиме да го наметнеме нашиот стил на игра, дисциплиниран, организиран и храбар. Да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б. Имаме генерација која веќе е зрела, имаме јасна идеја како сакаме да изгледаме на теренот и треба да веруваме во квалитетот. Со максимален фокус, посветеност и тимски дух, верувам дека можеме да одговориме на предизвикот”, вели Седлоски.

Натпреварите ќе се играат во септември, октомври и ноември.

Александар Ванев, М-Нет