
Со натпреварите од 17. коло беше отворен пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига, а во рамки на првата пролетна рунда беа постигнати голем број на погодоци, убедливи победи, а само еден меч без заврши без погодоци.
Тиквеш го имаше најубедливиот триумф откако на свој терен во Кавадарци како формален гостин го декласираше Шкупи со убедливи 0:6, што само по себе говори за очајната ситуација во која е Шкупи и речиси станува извесно дека чаирчани ќе се преселат во Втора лига.
Есенскиот шампион Вардар со убедливи 5:1 го декласираше дебитантот Арсими на домашен терен и ја продолжува фантастичната форма од есенскиот дел, момците на Гоце Седлоски едноставно беа расположени за погодоци, а се истакнаа и новите засилувања.
Пелистер пред верната публика го декласираше очајниот Работнички со 4:1, со што продолжува серијата лоши резултатит за „романтичарите“ кои пополека се пакуваат кон испаѓање во Втора лига.
Дербито на колото се одигра во Тетово каде актуелниот шампион Шкендија со 2:0 ја доби Струга, а пак во Кратово немаше победник, а немаше ниту погодоци (0:0) на Силекс и Башкими.
Реми со по еден гол имаше и во Струмица меѓу Брера и Македонија ЃП за конечни 1:1.
Во однос на табелата Вардар сега има плус четири бодови предност, најтрофејниот клуб е прв со 45 бодови, шампионот Шкендија е втор со 41 бод, а пак Струга е трета со 39 бодови. Силекс останува сигурен на четвртото место со 32 бодови.
Башкими сега изби на петтото место со 23 бодови, а пак Арсими со 22 бодови е шести, а Тиквеш е седми со 21 бод. Брера со 20 бодови се спушти во зоната за директно испаѓање, Пелистер е деветти со 19 бодови.
Во зоната за директно испаѓање е Македонија ЃП со 16 бодови, Работнички е претпоследен со седум бодови, на дното е Шкупи со еден бод.
Овој викенд се играат натпреварите од 18. коло, а во кое Тиквеш ќе ја пречека Шкендија, Работнички ќе игра против Вардар, Струга против Силекс на домашен терен. Македонија ЃП ќе игра со Шкупи, Арсими ја чека Брера Струмица, а пак Пелистер ќе гостува кај Башкими.
Александар Ванев, М-Нет