
Иван Јорданов е шампион во мачкање очи, шминкање и импровизација, па ако не е способен да си го уреди сопствениот двор – штипско Ново Село, што да се очекува за останатите населби во Штип, рекоа од ОО на СДСМ Штип во денешната прес-конференција. Од таму реагираа на несоодветното асфалтирање на улицата „Кежовица“, прашаа до каде е реконструкцијата на Бањата и како економски се развива Штип преку искористување на културното наследство од штипско Ново Село.
„Најстарата штипска населба не го добива третманот каков што го заслужува. Улицата „Кежовица“ позади нас е првиот пример за неспособноста и импровизацијата на градоначалникот Јорданов во оваа населба. Пред две години оваа улица беше рехабилитирана со новиот пристап на Јорданов и беше поплочена со бекатон во вредност од 1,5 милиони денари. За кратко време излезе на виделина овој градежен фушерај и непрактичноста на овој начин на реконструкција на улиците, па дополнително се потрошија средства за нејзино асфалтирање“, рече Трајче Стојчевски од ОО СДСМ Штип.
Не знам како не им е срам, со кој образ и со кое лице излегуваат со измислици, манипулации и лаги пред јавноста, врати на ова градоначалникот Јорданов. Тој посочи дека граѓаните ќе оценат кому треба да ја дадат довербата.
„Едно е јасно, јас ќе продолжам на дневна основа да работам, тие ќе продолжат на дневна основа да шпекулираат, да манипулираат и да лажат. На крајот од денот граѓаните ќе ценат на избори кому ќе му ја дадат довербата, но како што тргнала работата повеќе од јасно е дека оваа гарнитура и структура на СДС во Штип за кратко време нема да постои“, рече Јорданов.
Освен што реагираа за одредени, како што велат, импровизации на локалната власт, во прес-конференцијата од ОО на СДСМ во Штип посочија и дека тие како централна власт преку ЈПДП вложиле 11 милиони денари за асфалтирање на улицата „Кеј Димитар Влахов“.
Ребека Спасова М-Нет