
Стариот градски пазар во Штип повеќе нема да функционира, а на овој простор ќе има четириесетина паркинг места. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека овој пазар не бил искористен во полн капацитет, а можност за паркинг места има и со тоа што веќе се реализира проектот за нов и модерен пазар на друга локација. Тој е согласен дека потреба од паркинг места има и од таа причина во моментов се работи.
„Со одлуката да направиме модерен современ градски пазар на локацијата во населба Автокоманда и со покривањето на Градскиот пазар, како и со зголемувањето на капацитетите на оваа локација, веќе се отвори можност да се направи паркинг простор, затоа што сведоци сме дека од ден на ден се зголемува потребата за паркинг места. Центарот на градот се гуши, мораме да создадеме повеќе простор и за плановите коишто ги имаме за во иднина, а тоа е промената на сообраќајниот режим“, вели Јорданов.
Дополнителните паркинг места ќе придонесат за реализација на други проекти. Еден од тие е улицата „Ванчо Прке“, која ќе стане пешачка зона. Јорданов во претходна прилика посочи и дека улицата од Основниот суд во Штип до новиот кружен тек кој ќе се гради кај Суитлак ќе стане двонасочна, така што претходно се зголемува бројот на паркинг места.
„Пред да го изреализираме планираното, мораме да овозможиме да ги оспособиме локациите коишто се предвидени за паркирање за да може повеќе граѓани да ги користат и да им бидат во функција. Овој паркинг простор според она коешто го предвидуваме со уредувањето и проширувањето ќе овозможи четириесетина возила да се паркираат, ќе биде и за жителите од овдешните станбени згради, но и за жителите коишто ги користат од централното градско подрачје. На овој начин сметаме дека ќе создадеме функционалност во нашиот град“, рече Јорданов.
Проектот се реализира преку јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“, а колкава е финансиската инвестиција ќе се знае со завршувањето на проектот, кое се очекува да биде за неколку седмици од денес.
Ребека Спасова М-Нет