СДСМ: Јорданов го бетонизира Штип! О. Штип: Немаме измислици, туку дела за генерации

Промените кои Јорданов ги најавуваше кога дојде на власт, се случуваат, но на полошо, рекоа денес на прес-конференција од ОО СДСМ Штип. Од таму посочуваат дека новата иднина за Штип е профит и бетонизирање на зеленилото на сметка на здравјето на граѓаните, бидејќи локалната власт удрила на издавање одобренија за градење во Штип.

„Иван Јорданов единствено што работи е да штанца градежни дозволи за изградба на нови станбени згради. На местото познато како „Печурки“, жителите од населба Автокоманда ќе добијат нов станбен комплекс со неколку повеќекатници. Со години овде егзистираат трговци кои сега ќе бидат приморани да ги затворат своите бизниси. Ист е случајот и со паркот во населбата Дузлак каде на сметка на зеленилото ќе никне комплекс на згради. Сведоци сме како на брутален начин се врши бетонизирање на зелените површини. Јорданов удри по парковите при што се уништува зеленилото за градежен квадрат повеќе. Ништо поразлично не е и во паркот во 8 Ноември каде на сметка на парковите површини ќе се гради велосипедски парк. СДСМ преку својата советничка група даде и ќе дава поддршка за нови проекти во интерес на граѓаните, но ова е типичен пример како се гради без план и без визија.“ – велат од ОО СДСМ Штип.

Од Кабинетот на градоначалникот, пак, во писмена реакција напишаа дека СДСМ редовно шири дезинформации, лаги и невистини. Посочија дека нивните ветувања не се измислици, туку дела за сите генерации во нашата општина.

„Бизнис ориентираната СДСМ, очигледно не може да разбере, како е можно во исто време да се задоволат граѓаните и да се зголемат приходите на општината, без некој да има личен интерес од тоа. Затоа, редовно шири дезинформации, лаги и невистини! Помина времето кога актуелниот министер и претходен градоначалник мислеше само на сопствените згради и лични капитални интереси! Населбите Баби, 8 Ноември, Сењак веќе добија нови паркови, спортски и детски игралишта. А споменатите населби Автокоманда и Дузлак, во периодот што следи ќе добијат подобрена бизнис клима, повеќе зелени површини и содржини за сите генерации! Нашите ветувања не се измислици, нашите ветувања се дела за сите генерации во нашата општина!“ – стои во реакцијата од Кабинетот на градоначалникот.

Ребека Спасова М-Нет