
Денес со два натпревари во Гостивар и Врапчиште беше отворено 21. коло од Втората македонска фудбалска лига, кое ќе биде комплетирано в среда со директната дерби пресметка помеѓу Воска Спорт и Пелистер во Охрид.
Гостивар преку убедлива игра и тотална доминација на Градскиот стадион во Гостивар ја декласираше Слога со убедливи 5:0, а Антонио Каланоски ја „искина“ мрежата на гостите од Виница, кои влегуваат во длабока резултатска криза и повеќе од тешко ќе биде да се изборат за опстанок.
Уште во првиот дел Гостивар ги обезбеди трите бодови, откако Каланоски во 5. и 9. минута ја отвори Слога, а во текот на првиот дел уште еднаш се затресе мрежата на Слога, откако Ангелов направи катастрофална грешка, но погодокот беше постигнат од нерегуларна позиција со што резутатот остана на 2:0.
Гостивар продолжи да прави сериозен притисок, да креира шанси, а пред крајот на првиот дел односно во 41. минута Каланоски уште еднаш го совлада Ангелов откако неговата мрежата беше затресена по трет пат.
Во вториот дел Гостивар продолжи да гази и преку Велинов стигна до високи 4:0, а Рушити ги постави конечните 5:0.
Слога ја чека тешка борба за опстанок, а многу работи ќе зависат од утрешното дерби за опстанок меѓу Саса и Тетекс.
Беса забележа убедлива победа над Беласица со 3:0, а победата беше обезбедна уште во првиот дел од натпреварот, кога домашната екипа покажа доминантна игра со водство од 3:0 по првите 45 минути.
Лимани погоди за 1:0 по четири минути игра, а потоа погодија Гаши и Назифи за конечни 3:0, откако во вториот дел мрежите мируваа.
Беса лесно на своето конто впиша три бода.
Утре Борец ќе биде домаќин на Арсими, во Радовиш ќе играат Детонит Плачковица и Охрид, Каменица Саса и Тетекс играат дерби за опстанок, Караорман ќе биде домаќин на Кожуф, Локомотива и Вардар ќе играат во Кичево, а пак Воска Спорт и Пелистер ќе го комплетираат колото в среда (22. март).
Колку за потсетување, телевизија М Нет утре екслузивно во ЖИВО ќе го пренесува директното дерби за опстанок помеѓу Каменица Саса и Тетекс кое се игра на Градскиот стадион во Македонска Каменица.