
Новото шеталиште во Штип создаде сериозни проблеми во сообраќајот во централното градско подрачје во Штип, истакнаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Велат дека улицата Ванчо Прќе требаше да биде пробно шеталиште, но никогаш не се слушнале вистинските мислења на граѓаните. Од овде поставуваат низа прашања до Локалната самоупрва.
„Зошто локалната власт, без никој тоа да го побара од неа, најави затворање на улицата „Ванчо Прќе“, но со појаснување дека за истото ќе биде даден пробен период, кога воопшто немале цел да го слушнат вистинското мислење на граѓаните? Зошто локалната власт на чело со Иван Јорданов свесно одбра да остане глува за жалбите и потребите на штипјани? Зошто локалната власт предводена од ДПМНЕ каприциозно инсистира на затворање на улицата „Ванчо Прќе“ за моторни возила, кога е очигледно дека со таа постапка создадоа огромни проблеми во сообраќајот во целото централно подрачје? Зошто локалната власт предводена од ДПМНЕ реализираат проект со кој значително се намалува бројот на паркинг места онаму кајшто се најпотребни? Зошто не се способни ни сопствена идеја саглам да ја реализираат, па се уште пешачката зона нема добиено технички прием?
Од ОО на СДСМ Штип прашуваат зошто Јорданов и ДПМНЕ спроведуваат нешто што ниту тие го ветиле, ниту, пак, некој им го побарал, и зошто се трошат милиони од граѓанскиот буџет за промашени замисли од кои никој не ги гледа придобивките?
Лаура Стојанова М-Нет