
Свинското месо нема да биде луксуз за граѓаните за престојните празници. Цената предпразнично е намалена за 10% во месарите во штипскиот регион, а намалена е цената и на жива мера. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека радува овој факт бидејќи пред празниците секој може да си дозволи да купи месо за празничната трпеза.
„Можат граѓаните да купат месо, оти цената на свинското месо е намалена за 10% по месарите во Штип и штипскиот регион, а намалена е и цената за жива мера. Жива мера е 125 денари плус пет денари данок, а по месарите зависи од категоријата на месо.“ – вели Серафимов.
Серафимов посочува дека има доволно месо во државата и нема простор за паника дека треба да се увезува за да се задоволат потребите на граѓаните. Се продава и се консумира македонско свежо свинско месо, дециден е тој, а зголемено е и одгледувањето на свињи во фармите.
„Намалувањето на цената на месото се должи на добрата волја месарите и одгледувачите. Има доволно месо и тоа наше македонско месо.“ – додава Серафимов.
Месото беше и дел од новогодишната кошничка која ја воведе Владата и чија цена требаше да биде намалена во перидот од 15 декември до 15 јануари. Со ова се помага граѓаните да можат да си овозможат добра празнична трпеза, како и месо со што би се ставил крај на божиќниот пост.
Лаура Стојанова М-Нет