Свечено отворање на мала сала во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип и првото „џебно кино“ во градот

НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип ја уреди малата сала, која ќе може да се користи за разни намени и има капацитет од 60 седишта. Свеченото отворање ќе биде утре преку пригодна уметничко – музичка програма, а ќе се отвори и првото „џебно кино“ во градот, кое ќе се занимава со достигнувања во современата филмска уметност.

„Утре со почеток од 19 часот имаме отворање на Џебното кино, коешто ќе биде во склоп на Центарот за култура ,Ацо Шопов’. Воедно ја реконструиравме малата сала, којашто освен за кино проекции, ќе служи и за други настани и е ставена на располагање на сите научни работници и на граѓаните, здруженијата коишто постојат. Со почеток во 19 часот ќе имаме уметничко матине, а потоа музичко интермецо, а во 20 часот е промоцијата на филмот „Планината на смртта“. Билетот е 100 денари, а во цената се вклучени пуканки и пијалок по избор на секој посетител“, истакна Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Филмот којшто ќе се прикажува утревечер, „Планината на смртта“, е филм кој ја раскажува приказната за постарата генерација железнички војници и новата генерација инженери кои работат заедно за да ги спасат децата во неволја од погодените градови соочени со ненадејна катастрофа.

Инаку, салата е опремена со современо озвучување и осветлување, а ќе биде наменета за кино проекции, театар, конференции, концерти, семинари, дебати, работилници, предавања, промоции на книги, прес-конференции и слично.

Ребека Спасова М-Нет