
Во голем дел од семејствата и денес младите брачни парови живеат заедно со родителите на мажот, па кујната често станува место каде се спојуваат традицијата и новите навики. Токму затоа прашањето „Кој готви поубаво, свекрвата или снаата?“ предизвика различни и интересни мислења кај анкетираните граѓани. Дел од нив сметаат дека свекрвите имаат повеќе искуство и дека нивната рака е веќе „извежбана“ со години поминати покрај шпоретот. Други, пак, велат дека снаите внесуваат нови рецепти, модерни идеи и свежина во семејната трпеза.
„Епа свекрвата си е научена по нејзино, па затоа е подобро младите да речат „Ти мамо многу убаво готвеш“ и стално ќе си готве свекрвата.“
„Па не знам да ви кажам. Може и свекрвата, може и снаата. Снаата може некои нови рецепти да воведе па свекрвата да ги погледне од неа.“
Анкетираните додаваат дека во многу семејства готви оној што има повеќе време и искуство, па затоа често свекрвата ја презема главната улога во кујната додека помладите се на работа.
„Зависи, и двете. Моментално јас готвам како свекрва. Тие се зафатени на работа, нормално.“
„Постариот нормално, постариот. Зависи од човек до човек, тоа е начин на пракса, кој за што е научил.“
Сепак, повеќето се согласија дека не е важно кој стои во кујната, туку храната да се подготвува со љубов и семејството да биде собрано околу масата.
Дајана Сандева, М-Нет