
Три децении во бел мантил, без лиценца, закон и без заштита. Медицинските сестри од Штип, велат дека и понатаму се третирани како помошен персонал, иако носат огромен дел од товарот во здравството. Додека лекарите имаат комора и закон, сестрите се уште чекаат државата да им го признае статусот. Порачуваат дека нема да се откажат од барањата за закон, комора и достоинствен статус во здравствениот систем.
,,Ние немаме статус, затоа што немаме зкаон и комора. Ние сме медицински сестри со завршено образование. Јас сум 30 годишна сеста, а јас се уште немам лиценца, како што имаат сестрите на запад. Значи веќе кажав, со самата лиценца јас ќе имам свои должности и задолженија, одговорности и јас ќе бидам заштитена, но и јас ќе одговарам пред законот, онака како што тоа ќе биде донесено. Значи ние сме дипломирани медицински сестри, со високо образование. Тука има разлика со кредитите, но меѓутоа, секој од нас што сака да се образува понатаму има можност да запише специјализација и со тоа да го заокружи тоа образование, да биде четири годишно “, кажа Рогожарска
Медицинските сестри реагираат дека со години неправедно се ставаат во иста категорија со помошниот персонал. Бараат јасно разграничување и признавање на нивната професионална улога во здравствениот систем.
,,Помошен персонал се болничарите, негователите и хигеничарите. Лекарите и сестртие се посебна категорија. Лекарите имаат своја комора, закон, а сестрите за жал не и тоа е наша цел.“, додава Рогожарска
Подобри услови, повисоки плати и повеќе едукација – ова се дел од барањата на медицинските сестри. Велат дека само така може да се задржи кадарот и да се намали заминувањето на здравствените работници во странство.
,,Ќе се стремам да работиме на едукација поголема, во однос на тоа што се тие можат овде и ќе работам заедно со раководството во Скопје, на промена на квалификацијата на сестрата, а со самото тоа и зголемување на платите и условите за работа, па со тоа би можеле дел од лушето кои што сакаат да одат надвор да ги задржиме овде.“, рече Рогожарска
Медицинските сестри велат дека повеќе нема да молчат за проблемите со кои со години се соочуваат. Очекуваат институциите конечно да ги слушнат нивните барања и да им овозможат статус и услови какви што заслужуваат.
Иван Митев, М-Нет