Матурска прослава или луксуз што го празни џебот?

Матурска прослава или луксуз што скапо се плаќа. Додека матурантите со нетрпение ги чекаат своите најубави денови, родителите веќе прават математики како да ги покријат сите трошоци. Фустани, костуми, шминки, фризури, ресторани и подароци, една матурска вечер, велат граѓаните, денес чини илјадници денари. Најголем дел од прославите ќе се одржат во ресторани, а цените годинава дополнително го стегаат семејниот буџет. Не е лесно ниту за гостите, кои покрај честитките, треба да одвојат и пари за поклон. За матурантите ова е вечер за паметење, а за родителите уште еден силен удар по џебот

Кога е во прашање поклонот, граѓаните велат, најсигурно е пари во плик. Како што коментираат, ем корисно, ем погодено за матурантите, кои најчесто парите ги оставаат за летување, студии или други лични трошоци. Велат, во време кога се е поскапено, пликот останува најпрактично решение и за гостите и за семејствата.

И додека матурантите со нетрпение ја чекаат вечерта за паметење, граѓаните велат една вечер поминува, ама трошокот долго се памети. Сепак, додаваат дека, кога е во прашањето детето, родителите ќе направат се , па макар и последниот денар да го дадат само за тоа да биде среќно.

Иван Митев, М-Нет