
Со низа активности и насатни денеска се одбележува јубилеј 50 години од првата Младинска работна акција Плачковица. Акцијаши од повеќе градови од државата, но и од поранешни југословенскии републики денеска беа во Штип. Поголем дел од нив со сеќавање како било на првата акција кога биле млади и како е денеска, 50 години подоцна.
„Тогаш беше како што треба, денеска не е. Младите не можеме да ги ангажираме, нема млади.“ – вели Димовски.
Дружба, работа и љубов е она најзначајното од акциите воопшто. Драган Миладиновски сведочи како од една таква акција се родила и љубовта меѓу него и неговата сопруга.
„На таа акција се докажа она што беше главна мотивација, а тоа е дружењето, младите да се почувствуваат самостојни, да се почувствуваат важни, значајни и одговрни.“ – вели Миладиновски.
Иако се застапени и денеска, сепак се во многу помал број младите, велат акцијашите ветерани. Велат се прават напори и преку вакви настани се мотивираат младите за да бидат дел од акциите.
Акцијашите денеска ја посетија собата на Киро Глигоров, беа во музејот, на Исарот. По половина век повторно заеднички се потсетија на првата младинска акција со која се изгради патот Штип Плачковица во должина од 43 километри.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет