
Ракометната федерација на Македонија во периодот од 19. до 30. јуни ќе биде домаќин на 24-тото Светско јуниорско првенство во женска конкуренција. Ова ќе биде вториот мундијал за ракометарки до 20 години на кој ќе учествуваат 32 репрезентации.
Сали-домаќини на настанот ќе бидат СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во кои ќе се одиграат вкупно 116 натпревари. РФМ се погрижи салите да бидат подготвени за шампионатот според сите стандарди и да ги понудат најдобрите услови за земјите учеснички на овој ракометен настан, а Македонија да се прикаже и докаже одново како добар домаќин.
Македонските ракометарки како селекција-домаќин ќе играат во група заедно со Исланд, Ангола и САД. Првиот натпревар е против САД, закажан на 19. јуни од 20:15 часот, а потоа следат дуели со Исланд на 21. јуни од 18:00 часот, а третиот меч го играме против Ангола 23. јуни од 20:15 часот. Сите дуели од групната фаза Македонија ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“.
Македонија веќе ги прими повеќето од селекциите кои пристигнаа во главниот град Скопје, РФМ е подготвена за старт на шампионатот, како на технички, така и на организациски план.
Александар Ванев, М-Нет