РФМ ги исклучи од натпреварување ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија за скандалот со автоголовите, суспензија за Валентина Радуловиќ!

За скандалот со Куп натпреварот меѓу ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија каде беа постигнувани автоголови и режирани промашувања при чисти ситуации за да не постигнат гол на противникот, Ракометната федерација на Македонија донесе одлуки со кои двете екипи се исфрлени од сите натпреварувања кои се под капата на РФМ.

Дополнително, суспензија добија и офцијалните лица на двата клуба, но и делегатот на натпреварот.

Валентина Радуловиќ како претседател на ЖРК Скопје, доби суспензија односно забрана за вршење на функција во ракометот во следните две години, а исто казна добива и тренерот на екипата, Веселинка Треноска.

Претседателот на ЖРК Гевгелија, Јулија Беќарова, исто така добива забрана за вршење на ракометна функција во период од следните две години, а пак делегатот на натпреварот Митко Ѓоргиевски е казнет со забрана за вршење на оваа функција во следните шест месеци.

Ваквиот скандал со постигнување на автоголовите е голем срам што ја стресе ракометна Македонија, затоа РФМ веднаш реагираше со вакви високи казни.

Александар Ванев, М-Нет