Родителите со информација дека се вршело притисок врз сведоците за пожарот во Пулс

Продолжи сосолушувањето на сведоци предложени од Обвинителството за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани. Благојчо Паунов, пожарникар во ТППЕ Кочани, сведочеше дека по добиениот повик во 2.35 часот на 16 март 2025 година, тој и колегата стигнале во „Пулс” за пет минути.

„Кога дојдовме, многу тела имаше пред дискотеката. Но, и многу лица беа заглавени на влезната врата. Лицата беа испреплетени, тешко ги влечевме. Побаравме од полицијата да пратат луѓе да помогнат. Во мешовити тимови, почнавме да ги извлекуваме децата. За полесните во тежината одеше лесно, за покрупните беше потешко. На некои не им работеа нозете од што беа во шок, па ги носевме во раце. Дојде екипа на Брза помош. Се носеа деца во болницата, со што се стигне. Рекоа има заглавени во билетарата. Влегов таму, најдов над 10 деца кои не даваа знаци на живот. Викнав помош. Ги изнесувавме надвор за реанимација. Од внатрешната стана пред една врата, имаше многу заглавени деца кои бараа помош. Претходно видов повеќе натрупани деца пред вратата на тоалетот. Рекоа има уште во вецето. Бев изнемоштен. На крајот на интервенцијата ги извадивме последните лица кои беа изгорени. Ги ставивме на паркингот“, сведочеше тој.

Истиот ужас и хаос беше опишан и од страна на командирот на ТППЕ Кочани, Драган Апостолов, кој во пожарот се здоби со изгореници и големи пликови по рацете.

Дури во 4 часот бил пожарот локализиран.

Во меѓувреме родителите на починататите деца посочија дека имаат информација за притисок врз сведоците. Братот на газдата на Пулс, преку вибер комуникација од затворот вршел притисок врз сведоците, па побараа инстиуциите да ја проверат оваа информација.

„Имаме сознанија дека лице кое се наоѓа на одржување мерка притвор во затворот во Скопје му дава на користење телефон на братот на газдата на Пулс, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон. Ние родителите нема да дозволиме овојпат правдата да остане задскриена“ – вели Златкова.

Судењето продолжува со сведоштва на останати гости и присутни кои таа ноќ биле во дискотеката.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет