Роберто Росети, шефот на судии на УЕФА, за првпат во Македонија на покана на Масар Омерагиќ

Денеска во организација на Фудбалска федерација на Македонија се одржа свеченото доделување на ФИФА значките за македонските интернационални судии за 2026 година.

Настанот го отвори претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, на чија покана во Скопје престојува и шефот на судии на УЕФА, Роберто Росети. Росети, кој воедно е и комесар за делегирање судии во рамки на УЕФА, одржа и предавање пред македонските арбитри.

Свое излагање имаше и претседателот на Судискиот одбор при ФФМ, Емил Божиновски, а на семинарот учествуваа повеќе од 70 судии од целата држава.

Ова е првпат Македонија и ФФМ да бидат посетени од шеф на судии на УЕФА, и тоа на официјална покана на претседателот на ФФМ, што претставува силна потврда за угледот на раководството на нашата федерација и активната соработка со европските фудбалски институции.

Во рамки на настанот, свечено им беа доделени ФИФА значките на македонските интернационални судии за 2026 година.

„Ова е значаен момент за македонското судење. Присуството на Роберто Росети и директната комуникација со највисокото ниво на европското судење претставуваат огромна можност за нашите судии. Верувам дека ваквите настани ќе придонесат кон дополнително професионализирање, поголема одговорност и уште подобра меѓународна афирмација на нашите арбитри“, истакна Јосип Бартон, комесар за делегирање судии во рамки на ФФМ.