Четири нови имиња за два дена: ФК Беласица се засили со Цикарски и Шаренкоски


Амбициозно и без пауза – ФК Беласица продолжува со засилувањата во пресрет на новата сезона. Откако вчера во своите редови промовираше двајца нови фудбалери, струмичкиот состав денеска официјализираше уште две имиња – Мите Цикарски и Мартин Шаренкоски.
Цикарски, кој пристигнува од редовите на ФК Вардар, е офанзивец што ги покрива крилните позиции и зад себе има прволигашко искуство. Од клубот очекуваат тој да донесе дополнителна брзина, продорност и креативност во нападот, сегмент што ќе биде клучен во новата натпреварувачка кампања.
Нов член на „плаво-белите“ е и играчот за врска Мартин Шаренкоски, кој доаѓа од ФК Детонит Плачковица. Станува збор за фудбалер од средниот ред кој треба да внесе стабилност, дисциплина и контрола на темпото во играта на Беласица.
Со вкупно четири нови засилувања во само два дена, раководството на клубот јасно покажува дека има сериозни намери за Прва лига. Во Струмица се гради тим со поширок ростер и поголема конкуренција на повеќе позиции.