
Македонскиот суперлигаш Вардар се засили со хрватскиот репрезентативец Леон Љевар, откако беше потпишан двегодишен договор, а тој во дресот на двократниот европски шампион доаѓа од следната сезона.
Станува збор за 24-годишен ракометар кој е висок 198 cm, роден во Ријека, Хрватска, а настапува на позицијата лев бек. Во Вардар ќе пристигне од редовите на словенечкиот клуб Слован, каде оваа сезона доминира со одличните игри и во Европската лига, каде има постигнато 44 погодоци и претставува клучна алка во тимот.
Љевар е репрезентативец на Хрватска, но поради мала повреда го пропушти Европското првенство кое во моментот се игра во Данска, Шведска и Норвешка, иаок беше на списокот на хрватскиот селектор.
Новото засилување по потпишувањето на договорот со Вардар, истакна дека му е големо задоволство и чест што ќе настапува во вардаровиот дрес.
„Големо задоволство и чест ми е што потпишав за Вардар. Сите знаеме каква историја има Вардар и ми е драго што имам можност да бидам дел од таков клуб. Се радувам на играњето во Вардар и се надевам дека ќе помогнам на тимот да ги оствари сите поставени цели“, изјави Љевар.
Вардар оваа сезона атакува на враќање на титулата во своите редови, титула која ја брани Еурофамр Пелистер.
Александар Ванев, М-Нет