
Ракометната репрезентација на Македонија во драматичен финиш славеше над Романија со минимални 24:23 благодарение на голот на Ненад Коските кој го постигна во последните секунди.
Во самиот натпревар влеговме со многу математики околу пласман меѓу најдобрите 12, имавме притисок со кој требаше да ја добиеме Романија колку што е можно поубедливо, а притоа да се надеваме на услуга од Данска да ја доби убедливо Португалија.
Ние по потешкиот пат ја добивме Романија, отворивме одлично со 4:0, а потоа ја одржувавме разликата од три до четири гола, а најмалата разлика беше плус два во неколку наврати, а на полувреме беше 13:9.
Во вториот дел имавме плус пет тоа беше највисоката предност за нашата репрезентација. Но нашата предност започна да се топи, кога успеа Романија да израмни во два наврати на 22:22 и 23:23, а голот на Костески во последните секунди беше победнички за конечни 24:23.
Прво име кај Македонија беше капитенот Филип Кузмановски со девет голови, а пак четири имаше Ненад Костески, кај Романија се истакна Нистор со осум голови.
Во втората математика со која се надевавме дека Данска ќе ја победи убедливо Португалија се случи спротивното, Португалците во еден неверојатен меч славеа на домаќинот Данска и направија големо изненадување. Гидсел имаше осум гола за Данците, а пак браќата Кошта се истакнаа со по девет гола и направија големо изненадување.
Во нашата група Б прва е Португалија со пет бодови, втора е Данска со четири бодови и овие две репрезентации патуваат во главната фаза. Македонија заврши на третото место со три бодови, а пак Романија со три порази е на последното место.
Победата над Романија за Македонија беше исклучителна важна бидејќи ни носи само еден бараж за пласман на Светското првенство 2027 кое се игра во Германија и многу веројатно како носители.
Следна фаза на Европското првенство покрај Португалија и Данска од групата Б обезбедија Германија и Шпанија од групата А, Франција и Норвешка од групата Ц, од групата Д следна фаза обезбедија Словенија и Швајцарија, од групата Ф следна фаза обезбедија Исланд и Унгарија.
Групата Е ќе се комплетира вечерва но таму сигурно патуваат во следната фаза Шведска и Хрватска, а вечерва овие две селекции ќе играат меѓусебно дерби кое само ќе треба да потврди која селекција ќе биде прва, а која втора. Со ова веќе се познати сите патници во следната фаза односно овие екипи обезбедија пласман во топ 12.
Александар Ванев, М-Нет