
Ракометниот клуб Вардар Неготино гради силен тим со кој ќе сака враќање во ракометната елита на Македонија односно влез во Суперлигата.
За таа цел раководството на клубот работи на ангажман на квалитетни и проверени имиња со кои значително ќе се подига квалитетот во редовите на тимот од Неготино.
Легендата Пепи Манасков е договорен и претставен за нов тренер на Вардар Неготино, а со ангажманот на Манасков се потврдуваат високите амбиции на тимот од Неготино.
Во тренерската кариера Манасков најмногу работеше во Вардар Јуниор во период од 2013 дп 2019 година, а потоа ги водеше Куманово, Работнички, а работеше и во младинските категории на Алкалоид.
Помошник на Манасков во Вардар Неготино ќе му биде Ратко Велјанов, а подготовките за новата сезона веќе се започнати. Во рамки на истите тимот од Неготино ќе одигра и неколку пријателски натпревари преку кои ќе ја проверува формата за новата сезона.
Во однос за костурот на тимот речиси целиот тим е сочуван од минатата сезона, а дополнително истиот ќе биде засилен со неколку квалитетни играчи со кои значително ќе се подигне квалитетот.
Како прво засилување е искусниот Мице Шилегов кој доаѓа од суперлигашот Пролет, со што уште еднаш се потврдува сериозноста на проектот кој го има Вардар Неготино за враќање во Суперлигата.
Низ својата кариера Шилегов има настапувано за Металург од каде и потекнува, беше дел од Охрид и Голден Арт.
Во сезона 2023/2024 екипата на Вардар Неготино испадна од Суперлигата, а претходната сезона 2022/2023 тимот на Вардар Неготино играше бараж за опстанок кој го доби со екипата на Драчево и така остана во Суперлигата, но веќе следната сезона тимот испадна во Првата лига.
Во новата сезона во Првата ракометна лига ќе настапат 14 екипи, а конкуренцијата ќе биде повеќе од силна за првото место кое води директно кон Суперлигата, како и за второто место кое води кон баражот за влез во Суперлигата.
Екипата на Вардар Неготино новата сезона ја отвара во Свети Николе против Овче Поле, а стартот за истата е закажан за 13 односно 14 септември.
Александар Ванев, М-Нет