РК Вардар во погон, започнаа подготовките за Супер лигата и Европа

Вардар во погон – започнаа подготовките за Супер лигата и Европа

Ракометниот клуб Вардар 1961 официјално ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната, во кој „црвено-црните“ ги очекуваат настапи на два фронта – Супер лигата и Лига на Европа.

Под водство на тренерот Иван Чупиќ, Вардар го одржа првиот тренинг во Скопје, со што и официјално беше означен почетокот на подготвителниот период. Во оваа фаза од сезоната, тимот привремено е без неколку ракометари кои се ангажирани со своите репрезентации на меѓународни натпреварувања.

Десниот бек Урош Митровиќ настапува за Србија на Европското првенство, додека голманот Милош Валах, пивотот Виктор Јанковски и десниот бек Марек Марчињак се дел од полската селекција. Средниот бек Николас Боно настапува за Аргентина на шампионатот на Средна и Јужна Америка.

Подготовките Вардар ќе ги реализира во Скопје, а кон крајот на месецот, на 30 и 31 јануари, тимот ќе настапи на силен меѓународен турнир во Лабин. Таму „црвено-црните“ ќе ги одмерат силите со Слован Љубљана, како и со хрватските екипи Сесвете и Загреб.

Првиот официјален натпревар во продолжението од Супер лига Вардар ќе го одигра на 7 февруари против Куманово, додека на 17 февруари следи голем европски предизвик – гостување кај Бенфика во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на Европа.