
Освојувачот на ЕХФ Купот, РК Алкалоид ги започна подготовките за новата сезона 2025/2026 со првиот тренинг во спортската сала во Автокоманда.
Еекипата на Алкалоид предводена од Кирил Лазаров првата фаза од подготовките ќе ја реализира во Скопје, по што екипата ќе се пресели во Маврово. Потоа Алкалоид ќе има мини турнеја во Србија и Хрватска каде се планирани осум пријателски натпревари со ривали од Србија, Хрватска и Словенија.
Тренерот Кирил Лазаров во новата сезона ќе има 23 играчи на располагање.
„Целата стратегија на РК Алкалоид и поставеноста на клубот е од година в година да се прави чекор понапред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме со истиот македонски концепт. Позитивен сум од она што го имаме во моментов и со кое располагаме за сезоната“, вели Лазаров.
Клубот се раздели со Арно Бинго, како и со Михајло Младеновиќ, а пак Костадин петров ќе биде дел од РК Мулти Есенс каде ќе се рехабилитира од повредата и ќе ја враќа формата, а клубот им се заблагодари за досегашниот нивен ангажман посакувајќи им среќа во кариерите.
Алкалоид го претстави и првото засилување се работи за Улфар Пал Монси Тордарсон. Исланѓанецот кој има 25 години во Автокоманда доаѓа од редовите на Валур, со која минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Европската лига на ЕХФ. За него, доаѓањето во РК Алкалоид ќе бидат прво интернационално искуство.
Новата сезона во Суперлигата ќе започне на 6 септември.
Александар Ванев, М-Нет