Ристески: Штип УГД е спремен за финалето против Струмица, очекувам поддршка од публиката!

Штип УГД е во големото историско финале од одбојкарскиот Куп на Македонија, а завршницата од истиот се игра во Штип во Спортската сала “Јордан Мијалков”.

Штипјани се избори за големо историско финале, каде за првпат ќе имаат можност да се борат за трофеј во Купот, откако во полуфиналето во доминантен меч го надиграа Работнични со 3:0 во сетови.

Тренерот на Штип УГД, Кристијан Ристески во изјава за телевизија М Нет, вели дека се подготвени за финалето против апсолутниот фаворит Струмица, додава дека притисокот го препуштаат токму на струмичката екипа.

“Денес веќе го одржавме тренингот непосредно пред финалето. Струмица е апсолутен фаворит не само за освојување на купот туку и првенството, и од таму притисокот го препуштаме токму на струмичката екипа. Сметам дека сме спремни да дадеме максимум во финалето, каде ќе влеземе со ладни глави, растеретени од притисокот кој го имавме претходно во полуфиналето.
Очекувам, љубителите на спортот и одбојката, да проследат еден натпревар за воодушевување, полн со изненадувања и незивесност до самиот крај, во кој ќе порачам само, да победи подобриот противник. Да се надеваме дека тоа ќе биде Штип УГД. За клубот и градот, ова финале претставува историја но и поттик и насока на тоа каде и како треба да се движиме во иднина. На крај, би ја поканил публиката да дојде во Спортската сала Јордан Мијалков во недела во 15 часот, да нè бодри и заедно сите да уживаме во историјата која веќе ја испишавме за клубот Штип УГД и воопшто за спортот во Штип” рече Ристески во изјава за М Нет.

Големото финале од Купот меѓу Штип УГД и Струмица се игра во 15 часот, а претходно, во 12 часот се игра финалето кај дамите меѓу Струмица и Јанта Волеј.

Александар Ванев, М-Нет