
Близу еден милион денари доби Општина Берово од Транспорт и врски преку проектот „Декада на Роми“ за подобрување на инфраструктурата на Ромите во општината. Градоначалникот, Звонко Пекевски, истакна дека ќе се работи на реконструкција на втората фаза на улицата „Прохор Пчински“.
„Преку програмата „Декада на Ромите“, Општина Берово доби 926 илјади денари за изградба на втората фаза на крак од улицата „Прохор Пчински“. Првата фаза од улицата беше финансирана исто од овој проект, во 2019 година, и сега продолжуваме со истата улица. На тој начин улицата ќе биде готова во должина од 330 метри, а подлогата би била бекатон.“ – вели Пекевски.
Реконструкцијата на улицата треба да биде готова до крајот на годината, а во најбрз временски период се очекува да започне изборот на најдобар изведувач.
„Целиот проект е со поголема вредност. Со реконструкција на улицата заокружуваме еден проект со кој жителите во оваа населба нема да газат во кал. Треба да биде готова до крајот на годината“ – додава Пекевски.
Во оваа населба ќе се работи и на реконструкција на канализацијата, како и реконструкција на неколку други улички. Пекевски истакна дека на ваков начин се работи на подобрување на условите за живот на ромското население во Берово.
Лаура Стојанова М-Нет