
Нашите културни корени се уште од пред Античка Македонија, смета универзитетскиот професор од Факултетот за образовни науки во Штип, Трајче Нацев. На првата Меѓународна конференција што се одржа денеска во Штип, на прашањето за нашиот културен идентитет кој во последно време подложи на низа негодувања, Нацев вели дека треба да се насочиме и кон она што е пред т.н. Антички период, зашто ние сме многу постара нација.
„Сметам дека ние не треба да се врзуваме стриктно за период на Античка Македонија, бидејќи нашите културни корени на Македонија и на автохтоното население коешто живее на овие простори, не потекнуваат од Античкиот период, тој е од 6. век., меѓутоа ние имаме голем број археолошки квалитети коишто потекнуваат од многу порано, на пример, од Бронзеното време. Ние среќаваме симболи коишто можеме да ги видиме во целата таа археолошка рамка, која продолжува низ Железното време, па до крајот на тој т.н. Антички период“, вели Нацев.
Сепак, вели Нацев, за културниот идентитет на една нација придонесуваат сите археолошки истражувања и токму тие го потврдуваат него.
„Јас само сакам да кажам дека кога зборуваме за нашиот културен идентитет, сите артефакти, сите истражувања коишто се прават на територија на Република Македонија, влегуваат во потврдувањето на културниот идентитет на Македонците“, додава Нацев.
Нацев потенцира дека археологијата е важна гранка и дава и тоа како важни информации за корените и културниот идентитет на една нација.
Ребека Спасова М-Нет