Реми и поделба на бодовите од дербито меѓу шампионот Струга и лидерот Шкупи

фото: ФК Шкупи

Шампион Струга Трим Лим го пречека Шкупи во големото дерби на 20. коло од Првата македонска фудбалска лига кое заврши без победник 2:2.

Натпреварот на двете екипи кои ги посакуваа трите бодови се карактеризираше со интересни моменти, неизвесност и возбуда до самиот финиш, за уживање на публиката.

Во првиот дел мрежите мируваа и на двете страни (0:0), а во вториот дел паднаа дури четири погодоци. Буњамин Шабани во 55. минута постигна гол за водство на домашната екипа од 1:0. Новото засилување Гроннер во 65. минута израмни на 1:1, а по две минути игра Марјан Радески погоди за 2:1 и ново водство на домашната екипа.

Во 75. минута Абдул Руатубјаје постигна гол и ги постави конечните 2:2 за поделба на бодовите.

Утре екипата на Вардар ќе ја пречека Брегалница во дерби каде трите бодови живот значат и за двете екипи во борбата за директен и сигурен опстанок, Тиквеш на домашен терен ќе игра со Работнички, Воска Спорт со новиот стратег Срѓан Захариевски ќе биде домаќин на Силекс од Кратово, Брера Струмица и Македонија ЃП ќе се соочат на стадионот „Кукуш“ во Турново, а пак Шкендија и Гостивар ќе играат дерби во Тетово.

Александар Ванев, М-Нет