
Реконструиран објектот на ОВР Радовиш, 73. на Министерството, четврти по ред реновиран објект во 100 дена од новиот состав на Владата. Министерот Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, во присуство на Градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, изврши разгледување на реновираниот објект на ОВР Радовиш и оствари средба со раководството на оваа организациона единица и СВР Струмица. Заклучокот од средбата е дека безбедносната состојба на ова подрачје е мирна.
„Овде би кажал дека значително е намалувањето на бројот на кривични дела кои се гонат по службена должност, за разлика од 2020 година кога биле пријавени 371 кривично дело, во 2021 година тој број е 243, односно бележиме намалување за 22%. Ефикасноста во реализирањето на делата е 52 %. И во делот на сообраќајот во 2021 година бележиме намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди за 9.8 %, за разлика од 2020 година кога биле случени 106 сообракајни незгоди, во 2021 година се случиле 87”, изјави министерот Спасовски.
Градежните и градежно занаетчиските работи на објектот беа започнати кон средината на септември минатата година, а според Спасовски, истите се навремено и комплетно завршени.
„Со оглед на претходната состојба на објектот на ОВР Радовиш извршени се повеќе градежно-занаетчиските работи и тоа: во делот на кровната конструкција направена е нејзина комплетна санација, заменети се старите со нови ПВЦ прозорци, заменети се внатрешните со нови дрвени и алуминиумски врати, извршена е промена на санитарните јазли, комплетната санитарија, поставен е нов ламинат во канцелариите, изработена е нова термоизолациона фасада со акрилен завршеток на целиот објект,поставена е рампа за хендикепирани лица. На целиот објект е поставена нова електрична инсталација како и видео надзор на објектот и направена е корекција на инсталацијата за парно греење, со што се создадоа услови за одвојување од заедничкиот систем за греење со Општината Радовиш“, додаде Спасовски.
За реконструкцијата издвоени се нешто повеќе од 29.000.000 денари од буџетот на Министерството, а во оваа 2022 година предвидено да се работи и на други објекти. Во рамки на посетата беа започнати и свеченостите за чествувањето на 7 мај, Денот на македонската полиција.
Ребека Спасова М-Нет