
Во редици се чека пред откупниот пункт за тутун во Општина Карбинци, каде производителите на жолтото злато револтирани чекаат да продадат некоја кутија тутун, и тоа по неисплатлива четврта класа, за да можат да покријат барем дел од направените трошоци. Цело лето мака и пот, напорна работа и труд, за сега цело зимо да чекаат пред вратите на откупниот пункт и да се молат да им се откупи производството. Уште полошо е што со денови не доаѓаат на ред, овде се цел месец секој ден, и тоа како што велат тие за ич пари.
Кавгите не изостанаа и денеска, бидејќи од откупниот пункт информираат дека тутунот е со слаб квалитет со што не се согласуваат производителите.
Тутунарите крајот на претходната година неколкупати излегуваа на протести, за зголемување на цената на жолтото злато, но се помирија со фактот дека цената останува иста, а квалитетот во најголем број случаи е слаб односно трета и четврта класа. Уште повознемирувачки е фактот што количини има а откупот е многу слаб, па се трошат денови за да се дојде на ред, па потоа да се дискутира за класата и цената.
Лаура Стојанова М-Нет