
Утре против комарци ќе се прска во Делчево и Карбинци, пред неколку дена во неколку наврати се прскаше во Штип и Кочани. Меѓутоа, се поставува прашањето колку во пракса се гледа ефектот од индивидуалното прскање против комарци во Истокот. Со години наназад се зборува за регионално прскање, но ова сѐ уште не е реализирано. Поголем дел од градоначалниците во Истокот се согласни дека не треба да има поделба на општините туку треба заеднички да се делува.
„Мислам дека е добро сите градоначалници како плански региони заедно да го изведеме ова во исти период, така ќе помогнеме најповеќе на граѓаните односно ќе се уништат комарците во еден ден“ – кажа Трајковски.
„Мораме заеднички сите општини во ист период да делуваме за да се постигне поголем ефект, затоа што и покрај прскањето не се постигнува ефект доколку се прска само во една општина од укажувањето на економските оператори затоа што на само неколку километри имаме други општини и при првиот ветер се доселуваат комарците“ – додаде Јорданов.
Регионалното прскање против комарци во општините од Истокот ќе треба да се реализира во наредните години, бидејќи индивидуалното дава минимален ефект, а се потрошени огромни суми на пари. На пример Општина Штип на годишно ниво дава над еден милион денари за прскање против комарци.
Во иницијативата за регионално прскање против комарци се вклучи и Општина Карбинци, односно и градоначалникот Виктор Паунов е согласен дека ваквиот начин на третирање на комарците ќе даде најголем ефект.
Лаура Стојанова М-Нет