Расте бројот на бубрежни заболувања кај младите во Штип, лекарите апелираат на здрава исхрана и повеќе вода

Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата. Во моментов на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени низ 17 градови. Најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години. Во склоп на одбележување на Светскиот ден на бубрегот, податоците на уролозите покажуваат дека од година во година расте бројот на малигни заболувања. Секој аларм дека нешто не е во ред треба да биде контролиран, со цел навремено да се превенира.

„Има три типа главни заболувања кај бубрегот, најчести заболувања се инфекциите на уринарниот траг, калкулоза и најсериозно се малигните заболувања. Во последно време овие заболувања се во значителен пораст. Контролите би требало да бидат што е можно почести. Најважно е да се има соодветен начин на живот и на исхрана и да не се занемаруваат одредени симптоми, како минимална тапа болка, промена на боја на мокрача и случно“ – вели Здравев.

Расте и бројот на болести на бубрезите кај младата поплуација. Брзиот начин ан живот може да се вброи како една од можните причини, но неопходна е здрава исхрана, без зачини и зголемена количина на вода која се внесува во организмот.

„Помалку зачини, повеќе вода, соодветна хидрација на телото. И да се оди на контрола кога има било какви симптоми.“ – додава Здравев.

Хроничната бубрежна болест, како што посочуваат од „Нефрон“ е тивка пандемија на 21. век за што се предвидува дека до 2040 година ќе стане петта водечка причина за предвремена смрт кај населението. Еден од 10 возрасни лица имаат некоја форма на бубрежно оштетување, а скоро 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со хронична бубрежна болест, го игнорираат нејзиното постоење.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет