
Ракометните суперлигаши во следниот период ќе работат на кроењето на ростерите за новата сезона 2025/2026 од Суперлигата на Македонија, со продолжување на соработка и промоција на нови ракометари.
ГРК Охрид за новата сезаона се засили со десниот бек Давид Савревски кој доаѓа од Алкалоид, потоа со голманот Бојан Блажевски, кој доаѓа од редовите на Бутел, а стави потпис на две години со „гладијаторите“. Со ракометниот талент Илија Трајчески кој има само 14 години ГРК Охрид потпиша тригодишен договор, а со тоа Трајчески се става на располага и за првиот тим.
Во Охрид ново засилување ќе биде и шпанскиот дефанзивец Ориол Реј Моралес, кој беше претставен како трансфер „бомба“ во градот покрај езерото, исто така Стефан Петриќ е нов ракометар кој во Охрид доаѓа од Вардар.
Ракометниот клуб Бутел ја продолжува соработката со Димитар Ѓеоргиевски кој останува верен на клубот најмалку до 2027 години, односно ја продолжи соработката за нови две сезони, со што тој ќе комплетира една деценија во дресот на Бутел Скопје.
Ракометниот клуб Струга мисли на иднината, младиот ракометар Војо Клењоски кој има 15 години го потпиша својот прв професионален договор.
Повратникот во Суперлигата, екипата на Еурофарм Пелистер 2 и младиот талентиран ракометар Стефан Лазаревски потпишаа професионален договор, со што младото лево крило кое потекнува од школата на битолскиот клуб ќе му биде на располагање на првиот тим на Еурофарм Пелистер 2.
Александар Ванев, М-Нет