Ракометарките на штипски Астибо загубија од Куманово, Чаир со триумф против Вардар!

Ракометарките на Астибо од Штип забележаа нов пораз во плеј-оф сегментот на женската ракометна Суперлига, откако во рамки на 5. коло беа поразени од Куманово во салата „Перо Наков“ со 30:22.

Домашниот тим одлично го отвори мечот со серија од 6:0, по што Астибо имаше серија од два погодоци за 6:2. Куманово ја одржуваше разликата од пет со шест гола, а на полувреме имаше 17:11. Во вториот дел Куманово дојде и до предност од плус десет кога резултат беше 28:18, а потоа и 29:19, а на крајот Астибо загуби со 30:22.

Најпрецизна кај Куманово беше Мила Мемов со шест гола, а ја следеше Марија Петреска со пет гола, додека пак кај Астибо стандарно најдобра беше Марија Анчева која имаше осум гола, а пак Елена Димова имаше пет реализации.

Многу неизвесен натпревар имаше меѓу Вардар и Чаир, кој заврши со триумф за гостинскиот тим од 33:35. Натпреварот стартуваше одлично за Чаир, кој имаше постојана разлика разлика од четири погодоци, при 4:8, а потоа и плус пет при 4:9, но до крајот на првиот дел Вардар намали на 15:17.

Во второто полувреме одново одличен старт на Чаир кој се одлепи на плует пет при 18:23, а потоа Вардар одново бркаше поголема негатива, за на крај да загуби со 33:35.

Леона Миленковска имаше 11 погодоци кај Вардар, но недоволни за триумф на нејзиниот тим, а пак кај Чаир најмногу се истакна Стефанија Ѓеоргиевска со десет реализации, а ја следеше Теодора Дукоска со осум погодоци.

Денес ќе се соочат Металург Автокоманда и шампионот Ѓорче Петров за комплетирање на петтото коло.

Александар Ванев, М-Нет