
Овој викенд започнува пролетната полусезона во ракометната женска Суперлига. Астибо вториот дел од сезоната го отвара на домашен терен во Штип, во спортската сала „Тошо Арсов“ против Чаир.
Ова ќе биде еден неизвесен меч каде Астибо пред домашната публика ќе ја бара првата победа во плеј-оф сегментот, откако забележа два порази од Металург Автокоманда и шампионот Ѓорче Петров, додека пак Чаир е со пораз од „лавиците“, а со триумф против Куманово.
Правдата на натпреварот во Штип ќе ја делат Сања Божиновска и Адриана Здраковска од Скопје, а мечот стартува во 12 часот.
Астибо за пролетниот дел од сезоната се засили со голманката Ана Марија Горговска, крилото Елена Димова, како и со Благица Ступар која игра на бековската позиција кои во пакет пристигнаа од редовите на Гевгелија.
Првата цел на Астибо е остварена, а тоа беше влезот во плеј-оф, сега фокусот ќе биде да се надоградува екипата и со тоа да успее во некоја од следните сезона да обезбеди „виза“ за излез во Европа.
Во рамки на првото пролетно коло екипата на Вардар ќе има тешка задача на домашен терен против шампионот Ѓорче Петров, „лавиците“ на овој меч ќе бидат апсолутни фаворити за триумф, а за правдата ќе бидат задолжени Лела Јашар и Викторија Прентоска од Скопје, натпреварот ќе започне во 13 часот.
Екипата на Куманово на свој терен ќе игра против фаворитот Метарлуг Автокоманда, каде Дамјан Савиќ и Марко Огњановски од Скопје ќе бидат судиска двојка, а стартот е закажан за во 12 часот.
Сите три натпревари од првото пролетно коло се играат во сабота.
Александар Ванев, М-Нет