Радовиш го обезбеди баражот за можно експресно враќање во Суперлигата!

ФОТО: Телевизија М Нет

Ракометарите на Радовиш на едно коло пред крајот на плеј-офот на Првата ракометна лига го обезбедија баражот за можен влез во Суперлигата, со што радовишани ќе бидат пред можноста за експресен „кам-бек“ во ракометната елита на Македонија.

Радовиш по една деценија помината во Суперлигата, лани испадна од Суперлигата и во Првата лига успеа да стигне до второто место и баражот.

Во рамки на 4. коло од плеј-офот се случи и тренерска смена во тимот на Радовиш, па така на местото на Љупче Мијалов, дојде тренерското дуо Спасе Ѓоргиев и Александар Долдуров со што овие двајца поранешни ракометари на Радовиш го прифатија предизвикот да го водат но сега од тренерската клупа. Младите тренери со одлични игри го положија „испитот“ и го обезбедија баражот што беше цел на Радовиш.

Пред Радовиш е само натпреварот со „фенерџијата“ Шампион кој се игра на домашен терен односно во СРЦ „25-Мај“, меч во кој Радовиш е апсолутен фаворит за трите бодови, па овој натпревар за нив ќе биде и тренинг натпревар пред важниот меч односно баражот за Суперлигата.

Три екипи се можни противници на Радовиш во тој бараж натпревар, а на едно коло до крајот во плеј-аутот на Суперлигата останува и прашањето кој ќе биде противникот на Радовиш.

Таму лидер е Еурофарм Пелистер 2 со 33 бодови, Прилеп е втор со ист број на бодови, а пак Куманово е трет со 32 бодови. Во последното коло Куманово зависи сам од себе и ќе игра во Автокоманда против отпаднатиот Мулти Есенс, а пак Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 играа во меѓусебен дуел па многу веројатно е дека поразената екипа од овој натпревар ќе биде трета и ќе игра бараж, ако под услов Куманово триумфира во Автокоманда. Ако Куманово загуби во Автокоманда, во тој услов без разлика на исходот во пелагониското дерби Куманово ќе игра бараж против Радовиш.

Овој викенд ќе се комплетираат натпреварите од последното коло, а потоа во зависност од тоа која екипа ќе игра бараж ќе се утврди градот односно салата домаќин на баражот за пополнување на последното место од Суперлигата.

Како што претходно објави телевизија М Нет екипата на Бисинов без ниту еден пораз обезбеди прво учество во Суперлигата, а од истата поради драстичното кратење на лигата испаднаа Аеродром кој беше исклучен од натпреварување, Скопје, Голден Арт, Мулти Есенс и Вардар од Неготино.

Александар Ванев, М-Нет