Работнички го промовираше Никола Пејовиќ како ново засилување во одбраната

ФК Работнички продолжува со активностите на трансфер пазарот и официјално го претстави српскиот интернационалец Никола Пејовиќ како најново засилување за тимот. Дваесет и седумгодишниот дефанзивец ќе ја зајакне одбранбената линија на „романтичарите“, а по потреба може да настапува како стопер или на позицијата десен бек.

Пејовиќ во Работнички пристигнува од редовите на Борац Бања Лука, а зад себе има богато меѓународно искуство. Во текот на кариерата настапувал за повеќе клубови од регионот и Европа, меѓу кои Рудар Велење, Пролетер, Локомотива Загреб, Рудеш, како и италијанските Емполи и Пистоезе, додека во Србија го носел и дресот на Земун.

Раководството на Работнички очекува Пејовиќ со своето искуство и флексибилност во одбраната да донесе стабилност и дополнителен квалитет во тимот, во пресрет на предизвиците во новата сезона.