
Пчеларството е гранка која со годините сѐ повеќе се развива, вели претседателот на Здружението „Матица“ од Кочани, Борче Атанасов, по повод 20 мај – Светскиот ден на пчелата. Ова може да се донесе како заклучок ако се гледа бројот на пчеларите кои ги има сѐ повеќе, вели Атанасов. Сепак, ситуацијата и не е толку сјајна во самата гранка, ако се гледа тоа дека временските прилики во моментов не им се баш наклонети на пчеларите.
„Придобивките се одлика на вложениот труд, работата и условите во кои се работи. Моменталното временските прилики не се баш наклонети на пчеларството, што не значи дека утре тоа нема да се промени. Бенефитот е пред сѐ кај многу луѓе што се бават како хоби со пчеларство, бенефитот е самата работа. Значи, многу луѓе го сфаќаат пчеларството како привилегија да се дружат со пчелите, односно инсектите кои се заслужни за опстанокот на многу други видови околу себе“, вели Борче Атанасов, претседател на Здружение „Матица“ – Кочани.
Меѓутоа, ако пчеларството некому му е единствен начин на егзистенција, веќе може и да се појави проблем, посочува Атанасов. Со тоа што временските услови се оние кои имаат најголем ефект врз самото пчеларство, во период каков што е овој, пчеларите ќе имаат недостаток од приноси на мед, кои се сѐ помали. Помалку приноси значи повисока цена, но истата нема секогаш кој да ја плати.
„Како единствен начин на егзистенција веќе е проблем, затоа што приносите на мед се сѐ помали со текот на годините, бидејќи пчеларството зависи од времето, а климатските промени си го прават своето. Последните години приносите на мед се намалени, а цената на медот кај нас е од 500 до 600 денари, која мислам дека е реална. Сепак, цената ја формира пазарот, ние може и да сакаме повеќе, ама ако нема кој да ја плати, тоа е реалната цена“, додава Атанасов.
Пчеларите од кочанско и штипско најчесто во летниот период пчелите ги носат во Малешевијата, бидејќи тој регион има дабова шума кој меди, а во тој период има услови за собирање мед. За Светски ден на пчелата се одбележува 20 мај, денот кога во Словенија е роден Антон Јанша, пионер на модерното пчеларство. На овој ден се потврдуваат заложбите за заштита на пчелите и развој на пчеларството, но и подигање на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачи, загрозеноста на нивниот опстанок и нивниот придонес за одржлив развој.
Ребека Спасова М-Нет