Пуштени огласи за над сто места за вработување во образовните установи во Штип, има ли дефицит од кадар

Професор по историја, по етика, влашки јазик, германски, наставник по физичко образование, одделенски наставник, библиотекар, педагог се дел од кадарот кој недостасува во основните и средни училишта во Општина Штип. Доколку барате огласи за вработување и отворите на Агенцијата за вработување, избирајќи ја Општина Штип речиси и да нема страница од можни 25 на која нема оглас за вработување во образовните установи. Најмногу кадар според огласот недостасува во Основното училиште „Ванчо Прке“ каде место за вработување има за дури 33 наставници по различни предмети. Веднаш зад него е основното училиште „Димитар Влахов“ каде слободни места има за 19 вработени, и „Гоце Делчев“ со 15. Вработени се бараат и за во Општина Штип. Поголем дел од огласите се објавени на 22 месецов, некој се до денеска, а некој до утре. Зошто толку огласи за вработување во образовните институции, колку навистина кадар недостасува го прашавме првиот човек на Град Штип, Иван Јорданов. Тој вели дека согласност за објавување огласи директорите добиле од претходниот градоначалник.

„Од она што го имам јас како информација знаете дека директорите на образовните институции се се уште од претходната Локална власт, се уште немаме поставено нови директори на тие институции. Потребата за распишување на огласи ја имаат добиено како согласност од претходниот градоначалник што значи овде јас практично немам можност да реагирам, ниту да влијаам на овој процес. Единствено што можам е да ги охрабрам сите наши сограѓани кои што ги исполнуваат условите за овие огласи да аплицираат согласно потребите на образовните институции“ – кажа Јорданов.

Јорданов кажа дека тој само ќе ја следи постапката на вработување за да биде регуларно. На прашањето пак дали ќе има промена на директорите во образовните установи истакна дека доколку има потреба ќе има и промена.

„Ние сме во фаза на разговори, во фаза на анализа на нивното досегашно работење, онаму каде што ќе утврдиме аномалии, нефункционалност, неодговорност нормално дека ќе направиме промена“ – додаде Јорданов.

Според Јорданов дефицит на кадар има во повеќе професии и решението би било да се бара кадар од другите општини и населени места.

Лаура Стојанова М-Нет