Промоцијата на новите современи апарати во КБ Штип ги скараа власта и опозицијата

Иронична и смешна е промоцијата на новата современа апаратура во Клиничка Болница Штип, истакнаа денеска преку писмено соопштение од СДСМ Штип. Посочиа дека граѓаните мора да знаат, апаратите на одделот за хирургија и на кардиологија од кои бенефит имаат 200.000 граѓани на Источна Македонија се набавени комплетно од претходната Влада и претходното раководство на Клиничка Болница Штип предводена од СДСМ.

„Деновиве граѓаните на Штип и целокупниот исток се сведоци на пи- ар промоција на новата современа апаратура во Клиничка Болница Штип како што се лапароскопската апаратура , како и новиот апарат за работа на одделот за кардиологија.
Посетата од страна на министерот за здравство за промоција на лапароскопска апаратура која е набавена и е веќе 7 месеци во функција во Клиничка Болница Штип е иронична и смешна.
Додека пак новиот апарат на кардиолошкото одделение беше во планот за набавка уште минатата година, а е набавен и ставен во употреба пред неколку месеци при што не беше промовиран од тогашното раководство од објективни причини што тој период беше предизборие.
Граѓаните мора да знаат дека апаратите на одделот за хирургија и на кардиологија од кои бенефит имаат 200.000 граѓани на Источна Македонија се набавени комплетно од претходната Влада и претходното раководство на Клиничка Болница предводена од СДСМ.
Министерот, а и новото раководство на КБ Штип , без никаков срам и без минимум политички сенс се обидуваат овие инвестиции да ги прикажат како свои, иако за истите немаат никаков удел.“ – стои во соопштението од СДСМ Штип

По соопштението на СДСМ Штип, раководството на Клиничка Болница Штип излезе со демант од каде посочи дека министерот за здравство има легитимно право за посета и увид на апаратурата. Додаваат дека новиот апарат кој е набавен на кардиологија со постапка спроведена од претходната власт, не бил платен ниту еден денар. А новото раководство за краток период исплатиле околу 25% или десетина милиони денари.

„Почитувани, посетата на министерот за здравство во здравствените установи е негово легитимно право и право да побара на увид на апаратура што ја има набавено министертвото за здравство, без разлика во чие раководство и чија власт, и на задоволство на сите граѓани од реонот што болницата ја опслужува можеме да кажеме дека искористеноста на апаратот е многу добра, на задоволство на сите. Не гледаме никаков проблем во постапката на министерот да направи увид за набавена апаратура од неговата установа.Во врска со новиот апарат што е набавен на кардиологија, да во право сте, постапката е спроведена од претходното раководство, но исто така треба да нагласите дека од претходното раководство немаше платено ниту денар за истиот. Граѓаните треба да знаат, дека и на ова поле може да се пофалиме дека за овој краток период е исплатен околу 25 проценти, збориме за сума од десетина милиони денари.Граѓаните треба да знаат, а и знаат, дека новото раководство ќе работи здравствените услуги да бидат, што е можно подостапни. Еве и пример, да знаете и Вие а и граѓаните дека е направено дефектажа на апаратот за стрес тест, апарат што за нас непознати причини, за некој може и познати, не функционира повеќе од пет години, па пациентите за оваа процедура што ни е срам што не се прави кај нас, мораат чарето да го бараат на приватно, и мора да одделуваат значителна сума од скромните примања.Да ја искористиме и приликата да кажеме дека, е започнато сервисирање на апаратите што не работат по неколку години, пак да кажеме од непознати причини, и што би рекле Вие да не звучи како пи ар, во блиска иднина ќе биде пуштена магнетната резонанца, до нова година ќе бидат сервисирани и во функција апаратите за гастроскопија, колоноскопија, после пет години ќе има и стрес тест во нашата установа.До нова година ќе се завршат процедурите за набавка на нови апарати- нов стрес тест нови апарати за физикалната терапија, ќе се потрудиме на набавиме неколку холтери, ќе биде пуштен во употреба лифтот во физикалната терапија, секако во процедура од претходното раководство, но ќе биде платено од сегашното раководство.Мора да работиме бидејќи знаеме дека народот дава, но и народот зема- секако тоа Вие најубаво го знаете.“ – стоеше во демантот на раковотството на КБ Штип

Лаура Стојанова, М-Нет