Промовирана монографија по повод патрониот празник на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип

Со свечен мултимедијален настан штипското средно училиште „Коле Нехтенин“ го одбележа својот патронен празник. На настанот со музички точки, литературно читање и промоција на монографија училиштето одбележа јубилејни 75 години од постоењето. Време за кое директорката, Јованка Шалева, потенцира дека се излезени многу ученици и квалитетна работна сила.

„Денеска СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип го слави својот патронен празник. Оваа година ни е понесекојдневна, бидејќи за првпат во историјата на нашето училиште имаме чест и ретка прилика да ја промовираме монографијата со симболичен наслов „За тогаш кога денес ќе биде некогаш – 75 години постоење на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип“. Нашето училиште е расадник на многу ученици, на квалитетна работна сила на пазарот на трудот и академски граѓани. Секоја година запишуваме голем број ученици, а така ќе биде и годинава, бидејќи нашето училиште е стручно и вредно и има што да се научи“, истакна директорката на училиштето, Јованка Шалева.

Монографијата опфаќа факти, документи и фотографии, регистар на лица, сеќавања и хронолошко подредување на сите активности и настани во училиштето. Според рецензентките, истата претставува добар пример за сите училишта.

„Навистина ми беше една убава задача да се вратам назад во времето. Седум и пол децении се, навистина, долг временски период, време кога училиштето се создавало, време во коешто самото училиште на својот развоен пат поминало промени, падови, извишувања. Тоа е нормален процес на еден од на една образовна институција. Меѓутоа, денеска гледам дека ова училиште прераснало во модерна воспитно – образовна институција, којашто ги подготвува работните кадри, коишто треба да влезат подготвени во работниот процес“, истакна Ана Витанова – Рингачева.

„Оваа монографија е квалитетно сработена и може да биде пример или урнек пред другите училишта, односно пред другите сродни установи за тоа како треба да се сработи една монографска публикација или монографија што го опфаќа периодот што бил и што е за да послужи како сведоштво, како материјал за истражување за некои идни генерации. Добар е примерот со застапениот регистар на крајот од монографијата“, истакна Милена Ристова – Михајловска

Училиштето своите корени ги влече од пред Втората светска војна, од т.н. Занаетчиско училиште во тоа време. Потоа се трансформирало во училиште за ученици за стопанство, а денес има околу 800 ученици во две струки.

Ребека Спасова М-Нет