Пролонгиран рокот за избор на градежна фирма која ќе ја гради депонијата во светиниколско

Кој ќе ја град и регионалната депонија кај светиниколско Мечкуевци, останува непознато бидејќи се пролонгираше рокот за завршување на меѓународниот тендер за избор на градежна компанија. Постапката требаше да заврши денеска, но заради технички проблем е одложена, велат од Министерството за животна средина. Уште колкав рок ќе им се даде на компаниите за да може да аплицираат засега оостанува неизвесно.

Со изградбата на депонијата ќе се реши пролемот со депонирање и обработка на отпадот од целиот Источен и Североисточниот регион, а во наредниот период сите општини кои се вклучени во проектот треба да покажат сериозност и навремено решавање на обврските, вели преседателот на Советот на градоначалници на ИПР и градоначалник на Зрновци, Борчо Коцев.

„ Изградбата на регионалната депонија значи и трајно решавање на проблемите со дивите депонии. Ова е завршна фаза од имплементацијата на европскиот проект и сите ние во наредниот период што следи треба да покажеме сериозност и навремено решавање на оние обврски на секоја општина поединечно. Крајна цел е оставање на животна средина за идните генераци“ – вели Коцев.

Со отпочнување на проектот, општините Зрновци, Чешиново-Облешево и Виница беа принудени да ги затворат своите депонии, а отпадот да го носат на депонијата во Кочани. Ваквите насоки, на нозе ги крена и тамошните еко активистите кои речиси месец дена не дозволуваа пристап до кочанската депонија, која во минатотот често гореше и го загадуваше воздухот. Согласно последниот договор меѓу градоначалниците, трите општини Зрновци, Чешиново – Облешево и Виница го одлагаат отпадот на кочанската депонија, но за тоа плаќаат.

„Ние трите општини се задолжуваме да плаќаме месечен надоместок во висина од 220денари по кубик собран и депониран отпад на територијата на Кочани. Од страна на ЈП„Водовод„-Кочани и поддршка на МЖС, веќе се обезбедени средства и е ангажиран економски оператор. На дневна основа се уредува целата таа површина, а проблемите кои беа до пред некој месец се надминати“ „ изјави Коцев,

По завршувањето на целата постапка, фабриката треба да биде готова за две и пол години. Но, и покрај ветувањата дека отпадот ќе се третира по сите европски стандарди, светиниколчани и понатаму цврсто остануваат на ставот и не дозволуваат изградба на депонија во нивниот регион.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет