Продолжен викенд без патувања – штипјани трите дена ќе ги поминат дома

Слаб интерес за патување овој продолжен викенд по повод празникот Успение на Пресвета Бгородица. Најголем дел од граѓаните претстојните неработни три дена ќе ги искористат дома, во домашна атмосфера, не одејќи никаде. Само мал дел од штипјани ќе отпатуваат некаде, покрај езеро или на планина, да се релаксираат и да одморат од секојдневната работа и обврски.

Неколкумина од анкетираните, кажаа дека се вратиле од странство, па нема поголем одмор од тоа да бидат во родната куќа во родниот град и дека ова е одлична можност за нив , последните августовски денови да ги поминат во кругот на семејство, пред да си заминат.

За некои пак, одморот штотуку завршил, велат дека неодамна се вратиле, па сега следува прилагодување на работните услови и секојдневните задачи.

Безразлика дали на штипјани фокусот им е во организирање ново патување, останување дома или враќање во странство, едно е сигурно, летото полека заминува и треба да се искористи докрај.

Ева Тушевска, М-Нет