Продажбата на млечни производи од домашни производители во Кочани сведена на минимум

Некогаш делот за продажба на млечни производи во Кочани беше полн, сега нема ниту продавачи ниту купувачи, малкумината произведувачи на сирење, урда и млеко велат ситуацијата е алармантна. Селата во кочанскиот и виничкиот регион останаа празни, па ниту има кој да одгледува стока, ниту, пак, кој да произведува и продава сирење и урда.

„Многу слаба е побарувачката, нема народ, сите купуваат од маркетите ем поскапо го платат ем прашоци е тоа, не е како нашето овде природно, квалитетно. Порано имаше многу побарувачка и беше убаво ама сега нема ниту продавачи ниту купувачи.“ – велат продавачите.

60 денари литар млеко, 250 денари килограм урда, а работа еден тон, особено кога е во прашање производството на урда кое бара доста работа. Произведувачите велат дека исплатливоста е сведена на минимум, па бадијала се мачат да работат.

„Урдата е 250 денари килограм, а во неа има најмногу работа“

Идентична е ситуацијата и со огледувањето на кози во село Видовиште. Сѐ помалку домаќинства одгледуваат стока и произведуваат млечни производи. Се намалува и помладото население.

„Нема ни побарувачка, ниту продавачи гледате празни се тезгите. Младите ги нема, не се занимаваат со сточарство. Исплатливост нема.“

Без разлика колку урда, млеко или сирење ќе се продаде, продавачите плаќаат тезга и се надеваат дека барем некој ќе побара од нивните производи. Со ваквата ситуација на терен согласни се дека за некоку години објектот за продажба на млечни производи кој се наоѓа во пазарот во Кочани ќе остане празен.

Лаура Стојанова М-Нет