
Жителите од две улици во Кочани постојано во 21 век се соочуваат со проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Како што велат тие пред камерите на М-Нет телевизија, на секое невреме остануваат без струја дури и по 24 часа. Редовно велат плаќаат сметки за струја, а проблемот им се решава само краткорочно. Тоа значи дека на ветер струја немаат, реагираат до надлежните, но мора да чекаат и по неколку часа за екипа од ЕВН да излезе на терен и да реагира.
„Ѕвониме, не се јавуваат. Принудени сме да одиме во Дистрибуцијата и по цел ден да седиме таму ако не се реши.“
„Сѐ може да се расипе. Гранките тука никогаш не се кројат, жиците се околу гранките. Треба тоа да се среди за да го нема проблемот.“
Бараат долгорочно решавање на ваквиот проблем кој се појавува доста често. Граѓаните од улиците „Христијан Карпош“ и „Александар Македонски“ во Кочани, велат дека освен што остануваат без електрична енергија, доаѓа до спој на жиците, па се појавува и опасност да се запали некое дрво или објект.
Од ЕВН од Кочани неколкупати досега излегуваа на терен за решавање на проблемот, но истиот се решаваше краткорочно до наредно невреме. Од Кочани нѐ упатија за одговор до надлежните во Скопје, но до овој момент истите не успеавме да ги добиеме на телефон.
Лаура Стојанова М-Нет