Прифатена оставката на Сејдини: Му посакувам среќа на мојот наследник!

ФОТО: ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија денеска го одржа своето Вонредно изборно генерално Собрание.

На ова Собрание, делегатите ја прифатија оставката на досегашниот претседател, Муамед Сејдини.

Во својот говор пред присутните 62 делегати, фудбалски работници, познати поранешни фудбалери, како и гости од УЕФА и ФИФА, Сејдини се заблагодари на сите кои придонесоа за напредокот на македонскиот фудбал во изминатите години.

„Од една страна чувствувам исклучителна гордост за сè што постигнавме заедно во овие седум години како претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Од друга страна, ова е момент за размислување, бидејќи секоја епоха има свој крај, а денес завршуваме едно поглавје кое носеше многу предизвици, но заврши со историски успеси. Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас. Денес си заминувам исто така на ист начин – со благодарност и можност да ве погледнам сите во очи, споделувајќи чувство на гордост за заедничките успеси кои ќе останат долго во историјата на нашиот фудбал. Посакувам и во иднина да имаме уште поголеми успеси и нашиот фудбал да продолжи да биде извор на гордост за сите нас. На мојот наследник му посакувам успешна работа и многу успеси на неговиот пат“, рече Сејдини.

Александар Ванев, М-Нет