Признанија за најзаслужните за успесите на БК „Киро Ристов“ на предновогодишна средба

Успешната приказна која Боречкиот клуб „Киро Ристов“ ја испиша во тековната година вчера беше заокружена со предновогодишна средба. Во спортската сала на ООУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци се потенцираа сите резултатит кои членовите на Боречкиот клуб ги постигнал во тековната година, за што сведочат и нивните бројни медали.

„Можеме да кажеме дека се гордееме со она што го постигнавме досега, односно борачите на „Киро Ристов“ постигнаа резултати во сите возрасни категории, почнувајќи од пионери, кадети, младинци и сениори, во сите возрасни категории имаме медали. За да го пренесеме тоа се одлучиме на една предновогодишна прослава да ги споменеме резултатите, да поделиме пакетчиња и календар на дечињата, како што и традиционално правиме секоја година со цел да им дадеме мотив, да им се заблагодариме за сето тоа што го направиле оваа година“, истакна Трајче Димков, претседател на БК „Киро Ристов“ – Карбинци.

На предновогодишната средба беа доделени и признанија на сите оние кои придонеле за развојот и афирмацијата на клубот „Киро Ристов“. Меѓу нив се градоначалникот на Општината, стопанственици кои помогнале, ѕвезди на борењето кои потекнуваат од оваа општина, како и медиумите кои го афримирале клубот, меѓу нив и Телевизија М-Нет.

„Најзаслужен за целата работа е градоначалникот, Виктор Паунов, директорката на училиштето, Наталија Костова, секретарот на клубот, Зоран Тасевски, двајцата тренери, Стефан Тасевски и Ѓорѓи Топалов, претседателот на Боречката федерација, Дејан Богданов, неколку стопанственици кои ни помагаат во развојот на борењето, го добивате признанието и вие како Телевизија, затоа што постојано нѐ следите и сите наши активности ги објавувате, тука е и Кирил Манев. Имаме еден од најстарите борачи во општина Карбинци, кој живее тука, тоа е Ванчо Мутавџиски, признание имаме и за Мите Штериев, кој потекнува од Радање, исто така Ангел Мицевски, еден од ветераните на македонското борење од Велес“, додава Димков.

Меѓу присутните на предновогодишната средба беа и најблиските на двократниот олимпиец, Киро Ристов, а на сопругата Матилда ѝ беше врачено и признание. Присутните упатија силни и громогласни аплаузи за продолжување на делото на Киро Ристов.

Ребека Спасова М-Нет