Со света миса католичките верници во Црквата „Свето Благовештение“ во Штип денеска слават Божиќ

Верниците од католичка вероисповед, дел од протестантите и православните христијани кои времето го сметаат според грегоријанскиот календар денеска го слават големиот христијански празник Божиќ, раѓањето на Исус Христос. Во штипската Католичка црква вчеравечер се запали и четвртата свеќа од адвентскиот венец, која е посветена на мирот и која ќе гори во текот на оваа Божиќна недела. Претходните три седмици гореа свеќите за надеж, вера и радост, а вакви пораки упати и отец Тони Ангелов по повод Христовото Раѓање.

„Сите луѓе да имаме мир, сочувство, толеранција едни со други, да се сакаме, да простуваме, да бидеме навестители на Рождеството Христово, така што тука ја имаме пештерата која има едно големо значење, една голема симболика, каде што мудреците и пастирите доаѓаат, Му се поклонуваат на Нашиот Спасител, Исус Христос, го имаме ангелскиот хор кој пее „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја. Да си подадеме рака едни со други, каде што има темнина, ние да бидеме светло. Каде што има жалост, таму да носиме радост, каде што има очај да дадеме радост“, вели отец Ангелов.

Денеска со почеток од 10:00 часот се одржа и Светата миса по повод Рождеството Христово, а изминативе неколку дена имаше повеќе активности за овој празник. Беше одржан и традиционалниот Божиќен концерт на кој се пееја божиќни песни. Сите очи денеска се вперени кон Синот Божји, вели отец Ангелов.

„Нашите очи се насочени кон Витлеем и ние сме на патот кон Витлеем, а тоа е местото каде што се роди нашиот Спасител, Исус Христос, Кој се понизи сам себе, зеде човечко тело и стана еден од нас, само заради нас, за наше спасение. Овие денови имаме прилика да се помириме со својот ближен, својата фамилија, можеби, да се помириме со Бог преку светата исповед и така со чисто срце и душа да го дочекаме овој наш голем празник“, додава Ангелов.

Црквата „Свето Благовештение“ во Штип го опфаќа Источниот регион и за една деценија, колку што функционира, брои околу 1000 верници. Божиќ денеска го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија грегоријанскиот календар. Останатите, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора, Божиќ ќе го одбележат на 7 јануари.

Ребека Спасова М-Нет