
Веќе 11 дена без вода за пиење остана една зграда со три влеза во штипската населба „Осми Ноември“ за време на летните горештини. Станарите тврдат дека живеат како во средниот век со вода во тенџериња и капење со чашки, откако, како што велат, останале без редовно водоснабдување. Наместо нормално секојдневие, тие се соочуваат со невозможност да одржуваат основна хигиена, да готват и да ги извршуваат најобичните домашни обврски. Тврдат дека честите прекини им предизвикале и материјална штета, со расипани машини и водоводни инсталации.
„Без вода сме, не миени, не бањати, не испрани. Што личи ова, каде е на фирма „Логистика“ газдата? Му ѕвонев јас 5 пати, не се јави. Не можеш ниту да се избањаш, ниту да направиш ручек, ништо. Комшиите, поради фирмата лигистика сите за замразивме за вода. Еве сега пак ни ја сопреа водата. Од која причина е, што е, како е, јас мислев и да викам полиција. Лифтот 10 пати го црпам од вода, сега лифтот пак е пол со вода. Ѕвоневме во Битола, дали е дошол газдата не знам, тој газда џабе си зема пари, фирма се прави. По 400 и нешто денари плаќаме, ниту хигиена, ниту обелено, ниту железата офарбани, чистачките само за пари се. Нема што да зборам, нервпзна сум. Мораше онекна да одиме да се бањаме, да плаќам јас такси 200 натаму, 200 наваму, и за две лица по 80 денари, 600 денари за да одам да се избањам. Садовите во туба, Гадна, многу гадна.“
„Јас сега изглегов да пазарувам и овде еден човек, велам „што е ова?“, вели „водата ќе ви ја сопреме пак“. Во друг улаз се бунеле, не сакале вентил да стават, сега ја сопреа, нема ниту 10 минути. Нашата зграда е со 3 влеза, сите 3 влеза немаат вода. Па нема, вчера ја пуштија. Се живо ни се расипа дома, абе какво бањање, какво готвење, па и чешмите ни се расипаа, па викнавме мајстор 5000 денари.“
Од фирмата Идеал логистик од Штип којашто е задолжена за одржување на системот на зградата велат дека интензивно се работи на решавање на проблемот, а причината за прекините била дефект на подземните водоводни цевки во подрумот на зградата на улицата „Енгелсова“, каде што дошло до пукање на инсталацијата. Според нив, прекинот на водостабдувањето не е константен, туку водата повремено била пуштана за станарите да можат да ги задоволат основните потреби. И покрај тоа што ЈП „Исар“ немаше никаква надлежност или одговорност за настанатиот дефект, претпријатието денеска испрати цистерна со вода за да им помогне на станарите.
Дајана Сандева, М-Нет